Речиси еден тон кокаин скриен меѓу портокалите, уапсени 8 лица во Лондон
Британските власти открија речиси еден тон кокаин сокриен во гајби со портокали на еден од најголемите пазари за овошје и зеленчук во источен Лондон. Операцијата против наводна мрежа за трговија со дрога заврши со апсење на осум лица, а полицијата заплени и околу 450.000 фунти во готовина.
Операцијата се одвиваше во неделата навечер, на 22 ноември, на пазарот Њу Спитафилдс Маркет, на улицата Шерин Роуд, во областа Лејтон. За време на претресите, полициските службеници откриле голема количина на наводно кокаин, сокриен во картонски кутии со портокали.
Пет лица, на возраст од 27, 33, 41, 43 и 58 години, беа уапсени под сомнение за заговор со цел трговија со дрога од категорија А, класификација која во британското законодавство ги вклучува дрогите со висок ризик.
Друг 44-годишник беше уапсен во близина на пазарот, откако кај него биле пронајдени околу 100 килограми дрога.
Истрагите продолжија и во еден стан во областа Чешант, во Хартфордшир, каде што беше уапсен 48-годишен маж. За време на претресот во станот, полицијата запленува околу 450.000 фунти во готовина.
Во меѓувреме, полицајците запреле камион во близина на Мејдстон, во Кент, и го однеле во Дувер за понатамошна проверка. Во возилото биле пронајдени околу 250 килограми кокаин, а уапсен е и 50-годишниот возач на камионот.
Според лондонската полиција, за време на операцијата биле запленети вкупно 893 килограми кокаин за кој постои сомнеж. Сите осум уапсени лица и понатаму се во притвор, а истрагата за случајот е сè уште во тек.
Инспекторката Линдзи Билани, која ја води истрагата, изјави дека запленетата количина дрога би имала вредност од милиони фунти и дека оваа операција претставува значаен удар врз криминалната организација.
Според неа, акцијата е дел од напорите на властите да ги уништат мрежите за трговија со дрога, кои поттикнуваат насилство на улиците на Лондон.
Метрополитенската полиција ја смета оваа операција за една од најголемите заплени на дрога во својата историја.



